Со три пивоти, две десни крила и еден класичен дефанзивец, екипата на Металург уште пред почетокот на средбата беше во незавидна ситуација против Еурофарм Пелистер 2, а тоа се потврди и на теренот откако домашните дојдоа до победа од 39:23.
Металург беше рамноправен ривал само во првите десетина минути во кои успеваше и да остане во потребниот ритам. на моменти беше и во водство и имаше предност од 3:1 и 4:2. Сепак, тука домашните свртеа и поведоа со 5:4, а откако Металург израмни ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 дојдоа до 8:5 и веќе не дозволија противникот да се доближи.
До крајот на првото полувреме предноста порасна до шест гола и таа беше и разликата со која се замина на одмор на овој натпревар. Резултатот беше 16:10 така што беше јасно каков ќе биде епилогот.
Како што течеше средбата односно како одминуваше времето така водството се зголемуваше. Еурофарм Пелистер брзо дојде до двоцифрена разлика, 21:11 и само продолжи да ја зголемува предноста. Металург не можеше да следи така што рано беше јасно дека на овој дуел победата ќе биде изразена со најмалку 15 погодоци.
За играта и не може многу да се потенцира бидејќи во вториот дел домашните главно преку контри доаѓаа до лесни голови и ја искористија шансата да обезбедат лесни три бода и да го потврдат високото место на патот кон плеј-оф.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА