Една од најдобрите голманки на светот, Сандра Тофт, во интервју за „ТВ2“ изјави дека на почетокот на оваа година, односно во текот на месец февруари, размислувала за прекин на својата кариера поради лични причини, како и поради неуспехот на данската репрезентација во 2019 и 2020 година.
Данска на Светското првенство во 2019 година заврши на 9. позиција. Тоа претставуваше голем неуспех бидејќи репрезентацијата ја изгуби можноста да обезбеди учество на Олимписките игри во Токио.
Покрај тоа, по враќање од Кумамото, Сандра Тофт се разведе од својот сопруг. Неколку месеци подоцна, светот остана затворен поради ковид 19, а искусната голманка беше целосно изолирана во Франција.
Во периодот од 3 до 20 декември, 2020, Данска беше домаќин на Европското првенство. Данките завршуваат на четвртото место и остануваат без медал. По завршувањето на Европското првенство, Тофт се враќа на клупските обврски во Брест Бретањ и за краток временски период, Франција повторно се соочува со нов бран на ковид 19 и заклучување.
„Се прашував дали вреди да не правам ништо освен да седам сама во мојот стан, да одам на тренинг и потоа да си одам дома и повторно да седам сама. Имаше многу денови и ноќи кога солзи ми течеа по образите. Мислев дека ми е премногу тешко. Најлошиот период беше во февруари годинава. Бев под огромен притисок. Тогаш бев што поблиску до крај на својата кариера. Но, сега можам да кажам дека ќе играм додека телото ми го дозволува тоа. Би требало да го имам златниот медал околу мојот врат за сѐ што издржав во мојот живот. Сега мојот најголем сон е медал на Светското првенство со репрезентацијата на Данска“, изјави Тофт.
Данска на Светското првенство во Шпанија е на добар пат да стигне до место на подиумот. Досега оствари шест победи на шест натпревари, а во четвртфиналето ќе се соочи со Бразил.