Екипите на Драчево и Работнички одиграа ефикасен натпревар во 10. коло од Првата лига во групата А. Бодовите ги освои Драчево откако славеше победа со 37:33 и го одржа чекорот со водечките на табелата.
Почетните минути поминаа во израмнета игра гол за гол, но од резултат 6:6 домашните влегоа во добар ритам. Работнички имаше пад во играта што Драчево го искористи со серија од 5:1 и направи добра предност пред продолжението.
До крајот на првиот дел продолжи ефикасната игра, а Драчево имаше 21:16 на паузата. Во вториот дел Работнички успеа да намали на минус еден, но немаше сили за целосен пресврт и забележа пораз.
Најефикасни во победничкиот тим на Драчево беа Александар Димовски со десет и Филип Дабевски со девет погодоци, додека во екипата на Работнички најефикасен беше Ѓорѓи Дука со осум гола, а седумпати стрелаше Кристијан Анѓелковски.