Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 се спасија од пораз од Охрид на домашен терен, и одиграа 28-28. Иако гостите водеа со 26-28, сепак примија два гола во последната минута и се враќаат само со еден бод.
Битолчани отворија со водство од 3-0 преку Атанасијевиќ, Арсеновски и Димитровски, но охриѓани набрзина се вратија во игра и направија комплетен пресврт, 3-4. Во продолжение се играше гол за гол. Во финишот на првиот дел, голманот на домашните Благојче Трајкоски бранеше одлично и им овозможи на соиграчите повторно да ја вратат највисоката предност, 12-9, но нивната концентрација повторно попушти и Охрид израмни на 12-12. За домашно водство на паузата, се погрижи Филип Арсеновски со погодокот во последната секунда за 13-12.
Во вториот дел се повтори приказната од првото полувреме. Повторно голманот Трајкоски беше одличен на голот, па Еурофарм Пелистер 2 стигна до плус три, 17-14. Борбените охриѓани не ни помислуваа да се предадат па за неколку минути ја преземаа контролата на теренот и поведоа со 17-19. Сега беше редот за серија на домашните ракометари. Грешките на Охрид беа казнети и битолчани пак беа во плус, 21-19. При 22-22, двете екипи не реализираа по неколку напади, бидејќи голманите Брауновиќ и Трајкоски не дозволија да бидат совладани.
Охрид даде два гола во серија преку Младеновиќ и Шилегов за 22-24, па Јовиќ мораше да бара тајм-аут. Во продолжение се играше гол за гол и на пет минути до крајот беше 25-27. При 26-27, домашните промашија два напади за реми, па Шилегов донесе 26-28. Во следниот напад Атанасијевиќ намали на 27-28, а охриѓани со играч помалку не реализираа, па домашните на десет секунди до крај се изборија за пенал. Искусниот Ѓукиќ реализираше, а гостите го промашија последниот шут, па мечот завршии 28-28.