Хрватскиот интернационалец Стипе Мандалиниќ ја одработува втората година од договорот со битолски Еурофарм Пелистер.
Левиот бек во интрвју за сајтот на СЕХА лигата, вели дека одлуката да дојде од Бундес лигата во Битола се покажала како одлична.
„Одлучив да дојдам во Битола и се покажа дека сум направил вистински избор. Се работи за мирен град каде сите го сакаат ракометот, клубот и историјата. Одбраната е наше најсилно оружје, додека во нападот треба да работиме уште повеќе. Како и да е, ние сме добар колектив. Дојдовме до голем бод кај Шафхаузен во Европската лига и покажавме дека никој не смее да не отпишува дури и кога губиме. Се бориме со некои лоши периоди на натпреварите, тоа е нешто на кое мора да поработиме“, изјави Мандалиниќ.
Тој посакува еден ден повторно да заигра во Бундес лигата.
„Мојата цел е да играм на највисоко ниво колку што е можно подолго. Ми се допаѓа во Битола, но морам да бидам искрен и да кажам дека сакам еден ден да се вратам во Бундес лигата. Чувствувам дека не сум го кажал последниот збор таму и имам што да покажам. Имав многу сериозни повреди во Фуксе кои ме спречија да покажам за што сум способен. Луѓето таму сигурно не го виделе најдоброто од мене“, заврши Мандалиниќ.