Ракометарите на Прилеп по пауза од три години и неколку месеци повторно ќе можат да играат во познатиот прилепски ракометен храм, Универзална сала. Екипата на Прилеп последните натпревари во оваа сала ги имаше во 2018 година кога беше организиран Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“. Во текот на вчерашниот ден екипата го одржа првиот тренинг во старо-новиот дом.
Прилеп во последните сезони своите натпревари ги играше во салата „Ристе Ристески – Ричко“. Таму ги стартуваа и суперлигашките натпревари, но избраниците на Горан Кузманоски останатиот дел од сезоната ќе го одиграат во Универзална сала.
Тоа ќе биде причина плус за повторно враќање на фановите на трибините бидејќи салата има капацитет за околу 2000 посетители и се наоѓа на само неколку минути оддалеченост од центарот на Прилеп.
Еден од носителите на играта во прилепскиот состав, Давор Шокоски е ракометар кој израсна во Универзална сала, таму ги направи првите чекори во ракометните води, а сега повторно ќе има шанса да игра таму.
„Универзална сала е синоним за ракометот во Прилеп, храм каде што се забележани најголемите успеси на самиот град. Салата не беше во полна функција 11 години, и покрај тоа што не беше толку време на располагање, салата ги исполнува сите услови за нормално одвивање на еден тренинг и натпревар. Условите се подобруваат од ден на ден, се санираат сите мали недостатоци кои недостасуваат“, изјави Шокоски за 24 Ракомет.
Екипата на Тутунски Комбинат во 2002 година во Универзална сала ја освои титулата во Купот на Македонија. Дел од ракометарите кои ја освоија титулата во Купот беа и таткото на Давор, Боро Шокоски и неговиот сегашен тренер во Прилеп, Горан Кузманоски.
За младиот лев бек, враќањето на публиката ќе претставува дополнителна мотивација за подобри резултати во остатокот од сезоната.
„Прилепската спортска јавност е желна за враќање во Универзална сала. Самата публика знае какви натпревари имало на самиот терен, и кога се победувало и кога се губело. Сведоци на тоа се мојот татко, Боро Шокоски, како и нашите тренери, Горан Кузманоски и Рубин Лашкоски кои беа поранешни играчи на тогашниот Тутунски Комбинат. Со самото враќање на публиката ја добиваме посакуваната мотивација и поддршка. Публиката е нашиот осми играч на теренот. Враќањето во Универзална за екипата на Прилеп претставува ветер во грб за остварување на уште поголеми резултати во иднина“, коментираше Шокоски за 24 Ракомет.
Прилеп на 20 ноември во рамките од 11. коло од Супер лигата во Универзална сала ќе го пречека составот на Еурофарм Пелистер.