Сезоната е завршена за репрезентативецот на Египет и ракометар на Ним, Ахмед Хешам кој заработи тешка повреда на коленото. Тој ќе го пропушти остатокот од сезоната и ќе биде надвор од терените најмалку шест месеци.
21 годишниот ракометар кој беше МВП на Светското првенство за кадети во 2019 година во Македонија и учествуваше на Светското првенство во 2021 година ги скина предните вкрстени лигаменти на коленото. Хешам настапува во Ним од 2020 година.
Повредата освен од настапите со Ним во домашното првенство ќе го одалечи и од настапите во Лигата на Европа каде што ривал им е Еурофарм Пелистер и Африканското првенство во јануари.
Хешам лошите вести од дополнителните лекарски прегледи ги соопшти и на социјалните медиуми, се заблагодари на поддршката и најави дека ќе се врати уште посилен на терените. Египет ќе биде противник на Македонија во ЕХФ неделата кога ќе одиграат две пријателски средби.