Малку голови – многу одбрани. Така може да се опише мечот меѓу Бутел и Охрид, на кој доминираа голманите, особено Градимир Чаневски кој дуелот го заврши со 18 одбрани. Скопскиот тим победи со 15-14 (10-6) и со новите три бодови се искачи на делба на третото место на табелата во Супер лигата со 15 бодови.
Во прилог на скокот на Бутел на 3. место одеше и поразот на Еурофарм Пелистер 2 на домашен терен од Тиквеш. Сега на делба на третото место с еекипите на Бутел, Еурофарм Пелистер 2 и Пролет. Сите со по 15 бода. Охрид е на 6. место со 12 бода.
Важноста на мечот за двете екипи беше голема, за останување меѓу првите шест екипи на табелата, па затоа и повеќе се грешеше, имаше послаба концентрација со цел да не се прими гол. На првиот погодок на средбата се чекаше до 3. минута за почетно водство од 1-0 за Бутел, а во второто полувреме дури после седум минути играње беше постигнат гол, овојпат за Охрид.
Еден од најголемите виновници за водството на домашните од 10-6 беше голманот Градимир Чаневски. Тој успеа да „собере„ дури 11 одбрани во првите 30 минути. Нападот на охриѓани немаше решение за „многуте раце“ на Чаневски кој особено од крилна позиција сопре неколку важни топки, и им овозможи на своите соиграчи да имаат полесен напад.
Скопјани од почеток поведоа, охриѓани следеа некаде до 4-3. Исте три гола на Охрид ги постигна Мартин Манасков, но потоа тешко се тресеше мрежата на Чаневски. По 15 минути играње Бутел веќе водеше со 6-3, што беше причина Радослав Стојановиќ да побара тајм аут надевајќи се дека ќе даде совет со кој играчите ќе направат пресврт.
За разлика од играчите кои не беа многу расположени за погодување и реализирање, голманите на двата тима имаа свој ден. Во 20 минута Чаневски ја имаше својата 8 одбрана, а во тој момент Брауновиќ имаше три одбрани. Резултатиот беше 7-4 за Бутел.
Единствено што успеаја гостите е трипати да намалат на „минус 2“, но не и да направат чекор напред, па да понудат неизвесна завршница. Последните шест минути Бутел искористи две шанси, па од 8-6 зголеми на 10-6 што беше највисоко водство на домаќините, со што екипите заминаа на одмор.
Дури седум минути се играше во второто полувреме пред да биде постигнат гол, во мрежата на Бутел. Двете екипи многу промашија и не искористија шанси. Голманите повторно бранеа добро, и имаа двајцата по три одбрани во тие седум минути.
Охрид успеа да намали на 11-9 во 41 минута, а потоа Мице Шилегов имаше контра за нова неизвесност. Ама Чаневски повторно беше поуспешен, остварувајќи ја својата 15-та одбрана на мечот. По еден неуспешен напад на двете страни, Бутел пак реализираше за водство од 12-9 во 45 минута, а потоа и Марко Мајиќ во 46 минута пак ја врати предноста од „плус 4′ за водство 13-9.
За 15 минути играње двете екипи постигнаа вкупно пет гола, а голманите заедно имаа осум одбрани. Охрид не се откажуваше, и повторно дојде до „минус 2“ за намалување на домашното водство на 12-14. Потоа и Мајиќ не реализира пенал, а Мојсовски зголеми на 15-12. Неизвесноста беше присутна повторно во салата во Бутел, бидејќи Охрид повторно намали на само два гола негатива.
Остануваа 182 секунди до крај, а Бутел не реализираше напад, по што во напад Охрид се избори за пенал и првпат по долго време да дојде на само 1 гол негатива (15-14). Остануваа 120 секунди неизвесност за двете екипи. Играјќи под закана з апасивна игра Митев се избори за пенал, а Златко Мојсовски не реализираше пенал, откако Јанош Брауновиќ одбрани.
Последните 30-тина секунди топката беше во рацете на Охрид. Наместо напад, направија техничка грешка и топката отиде во аут овозможувајќи му на Бутел да ја задржи топката во своите раце и да се израдува на триумфот од 15-14. Драмата не изостана, па последните 6 секунди мораа да се вратат на повторно одигрување. Бутел изведе удар од својата половина, топката стигна до Брауновиќ, овој фрли контра и судиите првично покажаа на седум метри. Но, потоа во консултација со записничката маса последните секунди беа вратени на повторно одиргување.
Бутел ја задржа топката и на крајот се радуваа на трите бодови. Во следното коло Бутел гостува кај Еурофарм Пелистер, а Охрид е домаќин на Металург.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА