Ракометарите на Металург одиграа одличен натпревар во Автокоманда во 7. коло од Супер лигата и ја остварија втората победа во сезоната откако триумфираа убедливо против екипата на Радовиш со 31:19.
Металург имаше контрола на играта и резултатот во текот на сите 60 минути и не дозволи во ниту еден момент Радовиш да се надева на позитивен исход на мечот. Избраниците на Иван Марковски добро отворија и поведоа со 3:1, а потоа имаа и 7:4.
Добрата игра на домашниот тим продолжи до крајот на првото полувреме. Металург го имаше последниот напад од првиот дел, а Каковски со звукот на сирената погоди за највисоко водство на полувреме од пет гола, 14:9.
Радовиш немаше решение за играта на домаќинот, па негативата постојано се зголемуваше. После само девет минути игра во вториот дел Металург имаше двоцифрена предност кога Риберио погоди за 21:11.
Натпреварот продолжи со најчесто игра гол за гол, а предноста постојано се одржуваше на околу десет погодоци и Металург имаше целосна контрола на случувањата на теренот. До крај без многу проблеми тимот од Автокоманда запиша нови бодови со убедливи 31:19.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА