Ракометарите на Охрид се вратија на победите после поразот ов Вардар во минатото коло и на гостувањето кај Радовиш во четвртото коло од Супер лигата ја забележаа третата победа. Охрид триумфираше со 19:26.
Избраниците на Раде Стојановиќ одиграа одличен натпревар особено во второто полувреме и остварија сигурна и убедлива победа. Натпреварот започна доста израмнето и во поголемиот дел од првите 30 минути се играше гол за гол без поголемо водство на едната или на другата страна.
Охрид пред паузата успеа да направи позначителна разлика и на одмор да замине со три позитива и резултат 7:10. И второто полувреме продолжи во ист ритам без многу голови, но гостинскиот тим играше поквалитетно и сигурно го водеше натпреварот кон победа.
Во 45. минута Охрид стигна до највисоко водство кога поведе со 11:19. До крај на натпреварот Охриѓани без поголеми проблеми го сочуваа водството и запишаа нови бодови со убедлив триумф.