Ракометниот клуб од Трондхајм кој настапува во првата лига на Норвешка, Колстад планира во наредниот период да создаде врвен тим. Веќе се контактирани неколку играчи кои играат во странство, а се репрезентативци на Норвешка.
Најзвучното име е Сандер Сагосен кој во овој момент настапува за Кил. Исто така уште двајца ракометари кои играат во Бундес лигата се споменуваат како можно засилување за Колстад, а тоа се Магнус Род од Флензбург и Магнус Гулеруд од Магдебург.
Засега овие играчи само се контакирани од клубот без договор, но дека Колстад бара квалитетни играчи е повеќе од само гласини во медиумите. Како можна опција за тренерското место се појавува Кристијан Берге, селекторот на Норвешка но засега тој има договор со репрезентацијата до 2025 година, а да работи и во клуб и во репрезетантација не е опција.
„Знам дека има многу гласини за нас и не можам да кажам многу за тоа. Но, нашиот сон е да го вратиме дома Сандер Сагосен. Имаме соништа, визии и амбиции, целта е да станеме најдобриот машки клуб во Норвешка до 2024 година. Тоа е она на кое што работиме и соодветно ќе преземеме активности за да го оствариме тоа“, коментираше генералниот менаџер на Колстад, Јостеин Сиверстен за норвешки ТВ2.
Дел од тренерскиот тим на Колстад е Ерленд Сагосен кој е татко на Сандер Сагосен и како што вели, не дошол во клубот да го донесе и неговиот син туку да се обиде да создаден нов Сандер. За сезонава Колстад има високи поставени цели, но на почетокот на сезоната бележи слаби резултати и започна со три порази. И покрај тоа нивните амбиции не се намалуваат.