Додиќ, Тодески и Калуѓеровиќ побарале да раскинат со Металург

Тројца ракометари на Металург имаат побарано раскин на договорот и сакаат да си заминат, но во моментов нивниот статус останува нерешен и ќе треба веројатно арбитражата да пресуди околу нивната иднина доколку не биде најден заеднички јазик меѓу тимот и ракометарите.

Стефан Додиќ, Теодор Тодевски и Василије Калуѓеровиќ се ракометарите кои сакаат да си заминат и веќе поднеле барање за раскин на договорот.

„Сите добија уредни покани за да се појават на првиот ден од подготовките бидејќи официјално сè уште се играчи на Металург. Поднесоа барања за раскин на договорите. Калуѓеровиќ на негово инсистирање бараше да замине и мислам дека клубот е во напредни преговори за целата ситуација да се реши. Додиќ е со репрезентацијата на Србија за претстојното кадетско првенство и кај него не е решен статусот како и кај Тодески. Искрено јас сум тренер кој сакам да имам задоволни играчи и ракометари кои ќе бидат максимално концентрирани. Веројатно тројцата го најдоа своето незадоволство во некои причини. Не треба да зборуваме многу и да паметуваме дека има некои проблеми, но тоа треба да се реши достоинствено и коректно од двете страни“, коментираше во изјава за 24 Ракомет тренерот на Металург, Иван Марковски.

Тој вели дека веднаш после дознавањето на желбата на Калуѓеровиќ за заминување реагирале и го ангажирале Абдула Мане кој треба да биде замена за него и во нападот и во одбраната.

„После дознавањето на желбата на Калуѓеровиќ дека сака да замине реагиравме брзо и го ангажиравме Абдула Мане. Во една силна Втора лига на Франција тој беше меѓу најдобрите три стрелци. Неговите дефанивни квалитети според мене се дефинитивно големи и на мое инсистирање дојде во Металург бидејќи она што го видов и го добив како препорака од тренерите мислам дека еадекватна замена во смисол на комплетен играч“, рече Марковски.

На првиот тренинг на Металург имаше 17 ракометари, а меѓу оние кои недостигаа беше и Тарабокија чиј статус за следната сезона исто така е нерешен и се прават напори да биде договорен и соработката со него да биде продолжена.