Дупјачанец: Вардар е фаворит, но во вакви натпревари се е можно

Утре започнува завршниот турнир во Купот на Македонија и не очекуваат два интересни полуфинални двобои. Вардар ќе се соочи со Металург, а Еурофарм Пелистер го чека дуел со Бутел Скопје.

Капитенот на тимот од Автокоманда, Даниел Дупјачанец, вели дека одбраната на титула секогаш носи малку притисок и обврска, но и дека Металург ќе се потруди да изненади.

„Одбраната на еден трофеј сама по себе секогаш си носи блага доза на притисок и обврска. Меѓутоа сите знаеме дека играме против двократен европски шампион и сериозен тим каков што е Вардар. Затоа влегуваме во овој натпревар сериозно и со желба да го покажеме нашето најдобро издание, па ако ни се укаже минимална можност да изненадиме, ќе се потрудиме да ја искористиме. Иако улогата на фаворит јасно е дека е кај ривалот, во вакви натпревари се е можно. Со доаѓањето на Иван Марковски добивме полетност во играта, обрнуваме посебно внимание на одбраната и транзицијата. Се чувствува и подобрување во тимскиот дух и сето тоа заедно ни е мотив плус да ја завршиме оваа сезона со позитивен резултат“, вели Дупјачанец.

Во Автокоманда знаат од каде доаѓа најголемата опасност во играта на Вардар.

„Што се однесува до утрешниот натпревар сметам дека Вардар е најопасен со нивната 5-1 формација и транзицијата што резултира од неа. А во нападот играта два на два на нивните бекови со Стоилов им е најсилното оружје. Ако успееме да ги неутрализираме овие работи, можеме да се надеваме на позитивен резултат“, вели Дупјачанец.

Дуелот меѓу Вардар и Металург се игра утре од 16:30 часот, додека оној меѓу Еурофарм Пелистер и Бутел Скопје е на програмата од 19:00 часот.