Ракометарите на Вардар ја забележаа шестата победа во шестиот натпревар од суперлигашкиот плеј-оф. Избраниците на Стевче Алушовски славеа убедливо над составот на Пролет со 30-24.
По почетните 1-1, вардарци се одлепија на 4-1, а по петнаесетина минути игра во првиот дел беше и 9-4. Во финишот на првиот дел беше 14-10, но упорните гости намалија на 14-13 со прекрасниот гол со цепелин во режија на Пејовиќ и Давитковски. На пауза сепак се замина со плус два за „црвено-црниот“ тим, откако погоди капитенот Стоилов за 15-13.
Во вториот дел вардарци стигнаа до плус четири, 20-16, но во продолжение малку се опуштија и Пролет успеа да намали на два, 21-19. Избраниците на Никола Матлиески во два наврати не погодија за минус еден, па беа казнети.
Вардар поведе со 25-19 и веќе беа решени дилемите околу победникот, ако воопшто и ги имаше пред натпреварот. До крајот домашните само рутински ја одработија задачата за конечни 30-24. Следен предизвик за Вардар ќе биде гостувањето во Автокоманда кај Металург, додека Пролет ќе игра дома против Струга.