Се „мести“ и во ракометот, федерацијата суспендира дел од актерите во сомнителниот натпревар!

Неколку ирански медиуми пренесуваат дека натпреварот помеѓу Фолад Мобарак Сепахан и Фаразбам Дехдашт Каиез во последното коло од групата Б во Премиер лигата има силни сомнежи дека бил наместен.

Фолад Мобарак веќе имаше обезбедено пласман во следната рунда како второпласиран во групата, додека на Фаразбам му недостасуваше само еден бод да оди во следната фаза. Натпреварот заврши 24:24 и Фаразбам помина во следната рунда.

Екипата која исто така имаше шанси, а беше елиминирана и остана на четвртото место со овој нерешен резултат на ривалите, Зогал Санг Табас веднаш после натпреварот поднесе жалба до иранската ракометна федерација.

Сомнителните сцени од споменатиот натпревар биле објавени на социјалните мрежи каде што може да се види како некои играчи бегаат едни од други со чудни движења и дозволуваат на противникот да постигне гол, а други намерно ја фрлаат топката во аут.

Дел од обложувалниците кои го имаа овој натпревар во својата понуда, исто така пријавиле сомнително високи суми на нерешен исход. Дисциплинскиот комитет на иранската федерација го испитал случајот и донел одлука за суспензија на двајца играчи на Фаразбам на шест месеци и еден играч на Фолад Мобарек на еден месец. Исто така федерацијата објавила дека наместо три екипи од групата, четири ќе се пласираат во следната фаза.