Критики кон селекторот на Романија: „Сета почит кон Неагу, но ни требаат седум, а не една девојка на терен“

Една од легендите на ракометoт во Романија, Маријана Тирка, која сега работи како тренер, тврди дека се потребни промени во женската селекција на Романија и дека нивната игра треба да се базира на повеќе, а не само на еден играч. Во интервју за „Realitea sportiva“ напомена дека играчот од секоја позиција на теренот треба да се вреднува.

„Ако не сфатиме дека сме на одење во надолна линија, тоа значи дека женската селекција нема ни најмалку да се почитува. Ако ги следиме резултатите на ниво на јуниори, младинци, кадети, ќе сфатиме каде сме денес, а причините се повеќекратни”,  вели Тирка.

Репрезентацијата на Романија на квалификацискиот турнир во Подгорица за пласман на Летните Олимписки игри најмногу се потпре на играта на Кристина Неагу. Искусната ракометарка постигна 23 гола на вкупно три натпревари и имаше 16 асистенции кон нејзините колешки. Тирка смета дека треба нешто да се менува во нивната игра, а најмногу промени се потребни кон играта во одбрана.

„Потребна ни е разновидна игра во која ќе ги истакнеме квалитетите на секој играч. Во нашата одбрана играме со иста класика, 6 – 0. За жал, тоа не е веќе во тренд, мора да се прилагодиме на нешто ново“, додава Тирка.

Таа вели дека е потребна игра во кое ќе се ценат сите играчи и дека е потребна репрезентација, а не само лидер во самата репрезентација.

„Гледам што се случува во националниот тим во последно време. Сета почит кон Кристина, но потребна ни е репрезентација. И не е крива Кристина што сум погрешно разбрана. Треба да направиме репрезентација каде ќе можеме да го цениме секој играч. Повторувам, јас бев вреден играч“, заврши Тирка.

Со неуспехот да се пласираат на Летните Олимписки игри во Токио, кризата во женскиот ракомет во Романија се продлабочува на највисоко ниво. Романија е противник на Македонија во баражот за Мундијалот во Шпанија, а натпреварите се играат во април. Дали оваа ситуација ќе ги раздрма ќе се види за неполн месец, но факт е дека во Романија не оди сè најдобро исто како што е факт дека Романките се фаворитки на двобојот со Македонија.