Во 3. коло од плеј-оф конкуренцијата во Супер лигата Еурофарм Пелистер беше домаќин на екипата на Бутел Скопје. Битолскиот тим славеше сигурна победа со 28:23.
Почетокот на натпреварот беше клучен за конечниот победник, Еурофарм Пелистер во првите пет минути поведе со 5:0 и создаде одлична залиха која беше доволна во продолжението за нови бодови.
Бутел во текот на првото полувреме успеа да ја намали негативата, постојано беше во заостанување два или три гола за во 29. минута да стигне и на минус еден. Сепак на полувреме домашниот тим имаше водство 13:11.
Еурофарм Пелистер – Бутел
Почетокот на второто полувреме повторно им припадна на ракометарите на Жељко Бабиќ, со серија од 5:1 уште еднаш се одлепија на сигурна позитива. Еурофарм Пелистер лесно го котролираше натпреварот, во неколку наврати дозволуваше Бутел да се доближи но веднаш се враќаше на сигурно водство.
До крајот на натпреварот битолскиот состав одигра рутински и стигна до сигурна победа. Со овој триумф Еурофарм Пелистер го задржа максималниот ефект после две одиграни кола. За одбележување е големиот број на исклучувања во домашниот тим, односно вкупно осум, а Милорад Кукоски го заврши натпреварот во 58. минута заради трето исклучување.