Репрезентациите на Шпанија и Шведска одиграа квалитетен натпревар во втората квалификациска група за Олимписките игри во Токио и во израмнета борба до самиот крај немаше победник, а резултатот на семафорот беше 28:28.
Шведска и Шпанија се на чекор до место на Олимписките игри, бидејќи од втората група билет ќе има за две репрезентации, а во конкуренција со Аргентина, двете европски селекции се големи фаворити.
Иако во поголемиот дел во првото полувреме ракометарките на Шведска имаа предност од два до три гола, Шпанките предводени од Кармен Мартин се вратија во игра и стигнаа до изедначување на резултатот по 30 минути игра, 13:13.
Во вториот дел играта на Швеѓанките беше на нивното препознатливо ниво и голема помош имаа од Лин Блом, која беше одлична во одбраната. Веќе по десет минути игра во второто полувреме селекторот на Шпанија, Карлос Вивер мораше да повика тајм-аут. Шпанките со серија од неколку голови преку Гонзалес и Пена стигнаа до два негатива, 23:25, но Швеѓанките имаа солидна предност во завршните минути.
Беше и 25-28 на 80 секунди до крајот, а Шпанија со три гола во серија, од кој последниот на Џенифер Гутиерез во последните секунди, Шпанија се радуваше на ремито. Најефикасна во составот на Шведска беше Јохана Вестберг со седум гола и 100% реализација. Во составот на Шпанија најдобра беше Кармен Мартин која постигна седум гола од десет обиди.
Утре селекцијата на Шведска го игра својот втор и последен натпревар против Аргентина, а Шпанија ќе биде слободна.