Швеѓаните кои требаше да дојдат во Вардар остануваат дома, тренерот Рогановиќ објасни зошто

Планираните засилувања на Вардар од Шведска очигледно нема да пристигнат ниту следното лето со оглед на тоа што младите Швеѓани Ерик Јохансон и Ерик Персон во моментов не сакаат да го напуштат тимот на Гуиф.

Тие веќе кажаа не за Вардар, а помладиот од нив, му откажа и на Кил што го потврдува и тренерот на Гуиф, поранешниот играч на „црвено-црните“, Црногорецот Зоран Рогановиќ.

„Кога летово го повика Кил, Јохансен се заблагодари и рече дека уште не е подготвен и дека сака да остане за да напредува со мене. Порача дека му треба уште време, дена не е целосно подготвен и дека мисли дека ќе му биде од корист уште една сезона во Гуиф. Сега истото го кажа и Персон што многу ми годи и тоа е доказ дека работиме добро“, вели Рогановиќ.

За Јохансон и Персон информацијата се појави пред неколку дена, кога клубот објави за интересот од Вардар, но брзо имаше и вест дека нема да дојде до трансфер. Со изјавата тренерот Рогановиќ само потврдува дека интерес постои и од други тимови, но дека засега играчите нема да го напуштаат клубот.