Во онлајн гласањето спроведено од страна на читателите на 24Ракомет од 13 јануари до 31 јануари учествуваа на 32.000 лица кои гласаа за својот избор. Покрај најдобрите 7 играчи беа избрани и најдобар дефанзивец, најдобар млад играч и најдобар тренер во регуларниот дел од сезоната. Ви ги претставуваме победниците во секоја категорија. Поранешниот младински репрезентативец Давор Палевски и член на Пролет беше избран за најдобро лево крило во регуларниот дел од Суперлигата.
Ракометарот на Пролет, Давор Палевски, две сезони по ред беше најдобар стрелец во најквалитетната конкуренција во Македонија. Пред да се пресели во Пролет, екс младинскиот репрезентативец ги носеше дресовите на Металург и Работнички. Со тимот од Автокоманда има настапувано и во СЕХА лигата и во Лигата на шампионите.
По завршувањето на есенската полусезона, односно регуларниот дел од Суперлигата, читателите на 24Ракомет го избраа идеалниот тим на полусезоната. 24Ракомет, единствениот специјализиран спортски портал посветен на ракометот во соработка со нашите пријатели од „ИЗВОРСКА“ ви овозможи да гласате за најдобрите ракометари во првиот дел од сезоната.
Палевски имаше силна конкуренција во изборот за најдобро лево крило, а доби најмногу гласови од над 32.000 колку што имаше во анкетата во која учествуваа читателите на 24 Ракомет.
„Пред се, би сакал да се заблагодарам на сите читатели на 24Ракомет. На секој спортист му значи да биде во друштво на најдобрите особено кога се избрани од публиката и читателите. Ракометот се игра за победа, а на победата најмногу се радуваат навивачите“, вели Палевски.
Палевски иако е млад, има долг стаж на ракометните терени и се најде на поширокиот список пред настапот на СП во Египет.
„Подолго време сум во друштво на суперлигашите и можеби требаше многу порано да добијам шанса во сениорската репрезентација. Имам стекнато големо искуство низ натапите за Металург во СЕХА лигата и во Лигата на шампионите, но за мене секој натпревар си има своја тежина и носи нови искуства“, продолжи Палевски.
Како и секој спортист, така и Палевски посакува да се проба и во некој странски клуб, но засега останува во Пролет и има само пофални зборови за тимот, управата, тренерот, соиграчите…
„Сметам дека сум подготвен за секој предизвик, но сепак моментално сум задоволен и среќен во Пролет и мислам само на настапите за овој клуб. Матлиески е одличен стратег и не подготвува одлично и физички и психички. Со новите засилувања стануваме се поискусна екипа. На голот го имаме еден од најискусните Ангелов. Во нашиот клуб има одлична хемија и дружба, а морам да го пофалам и капитенот Андоновски, кој е одличен предводник на тимот“, вели Палевски.
Пролет долги години е во врвот на македонскиот ракомет, и оваа сезона обезбеди место во разигрувањето за титулата.
„Можеби малку потфрливме на натпреварите со Охрид, но главната цел ја остваривме се пласиравме во плеј-оф. Амбициите на Пролет се секогаш високи, главна цел ни е да избориме место во евро куповите и ќе одиме на победа во секој натпревар без разлика кој ќе ни биде противник“, заврши Палевски.
Пролет веќе одигра неколку пријателски средби на кои имаше променливи резултати, но вистинските предизвици доаѓаат допрва. Најпрво во Купот на Македонија, Пролет ќе игра со Борец, а на 6 март ќе стартуваат и суперлигашките средби.