Екипата на ЦСКА Москва каде што настапува македонската репрезентативка Сара Ристовска забележа нова победа во Лигата на шампионите откако на домашен терен ја совлада екипата на Будуќност со 27:23.
Предноста од два гола 12:10 што ја имаше ЦСКА Москва на полувреме ја стекнаа во самиот финиш на првиот дел. Претежно се играше изедначено, со грешки во нападите на двете страни и добри одбрани на голманките.
Почетокот на второто полувреме беше клучен за победникот на овој натпревар, после само десет минути игра ЦСКА имаше пет предност, 18:13 што беше доволно за конечна победа. До крајот на дуелот рускиот тим имаше и осум разлика, а Будуќност беше немоќен да избегне пораз.
Сара Ристовска и на овој натпревар беше во составот на ЦСКА Москва и постигна еден погодок, додека најефикасна беше Ведекина со пет гола. За екипата на Будуќност, Јованка Радичевиќ и Мајда Мехмедовиќ постигнаа по пет гола.