Во 2021 година првиот официјален натпревар за Вардар ќе биде домашниот дуел од СЕХА лигата против Војводина. Натпреварот е закажан за 28 јануари во СЦ „Јане Сандански“ во 17:45 часот.
Договорени се термините и саатниците за првите три средби од СЕХА лигата. Еден ќе се одигра во јануари, а два во февруари. Покрај дуелот со Војводина, следниот месец се планирани и натпревари против Нексе Нашице во Скопје и на гости во Украина кај Мотор Запорожје.
Единствено за дуелот со Нексе не е фиксно договорен терминот. Тој меч треба да се игра на 1 или 2 февруари. Тоа зависи од обврските на играчите во националните тимови и дали некој од репрезентациите каде има играчи во двата тима ќе игра на финалниот викенд. Средбата со Мотор е закажана за 27 февруари во Украина.
Екипата на Вардар се подготвува за продолжението од сезоната, каде ќе очекува напорно темпо и играње натпревари со згуснат распоред. Во Скопје се подготвува тимот, а недостасуваат играчите што настапуваат за своите национални тимови на СП во Египет.
Во моментов на СП 2021 во Египет настапуваат Стојанче Стоилов, Димитар Димитриоски, Филип Талески и Марко Мишевски за Македонија, Патрик Валчак за Полска и Иван Чупиќ за Хрватска.
СЕХА лига, Распоред и саатници
28 јануари 2021
Вардар – Војводина, 17:45 часот
1/2 февруари 2021
Вардар – Нексе, 20:15 чaсот
27 февруари 2021
Мотор – Вардар, 20:15 часот