Репрезентативките на Данска стигнаа до потребната и посакувана победа против Шпанија која ги остава во игра за полуфинале. Данска одигра одличен натпревар и ја победи Шпанија со 34:24.
Данските ракометарки доминираа на овој натпревар и ништо не оставија случајноста. Уште по првиот дел Данска беше многу блиску до победата кога водеше со 17:10.
Домашната селекција на првенството отвори со 2:0, но потоа Шпанија со подобар период поведе 3:4 и тоа беше единственото нивно водство. Следуваше период во кој шпанските репрезентативки имаа проблеми со реализацијата, а несовладлива на голот на Данска беше Сандра Тофт која многу придонесе за победата.
Од 21. до 28. минута Шпанија не постигна гол и тоа го искористија ракометарките на Данска за серија од 5:0 и огромно водство од 17:7. Сепак до крајот на првиот дел Шпанија усепа да ја намали негативата пред продолжението на минус седум.
Во второто полувреме Данска одигра рутински, не дозволи протиникот да се доближи, најчесто беше шест-седум разлика а во финишот се искачи на највисока предност од 11 гола за неочекувано лесен триумф на домаќинот.
Најефикасна во составот на Данска беше Реј Бидструп со шест гола, додека Трине Јенсен постигна пет. На голот одлична беше Сандра Тофт со 12 интервенции и беше прогласена за играч на натпреварот. Во составот на Шпанија Алисија Фернандез со четири гола беше прв стрелец, а по три постигнаа Кармен и Кампос.
Со овој триумф Данска има шест бодови или еден помалку од Русија и Франција и во директен дуел со русинките во последното коло ќе одлучуваат за пласман за полуфинале. Шпанија со еден бод останува на последната позиција на табелата.