На отварањето на главната фаза од Европското првенство за жени, хитот на Хрватска продолжува да реди победи. Откако прелиминарната рунда ја заврши со три победи, триумфираше и во четвртиот натпревар, односно прв од главната рунда, против Романија со 25:20.
Романија добро го започна натпреварот, отвори со 3:1, а потоа и 7:4 и имаше контрола на играта во првите 15. минути. Во 18. минута Полокосер погоди за 8:4 предност на Романија, но тоа беше сè од Романките во првиот дел.
Следуваше фантастична серија на Хрватска од седум последователни гола за пресврт и промена на водството. Хрватките одиграа одлични десет минути во завршницата на првиот дел и обезбедија високо водство на полувреме од 14:10.
Во вториот дел сликата на теренот беше сосема различна од првото полувреме. Хрватска го контролираше резултатот, во 40. минута беше 17:12 и Романија немаше решение за противничката игра. Романките се заканија во 48. минута кога намалија на минус два, 19:17 но немаа сили за пресврт.
Следуваа голови на Мамиќ и Мичијевиќ за повторно одалечување на четири позитива за Хрватска. До крајот на натпреварот со рутинска игра Хрватска стигна до уште една победа и се доближи чекор поблиску до полуфиналето.
Најефикасна во репрезентацијата на Хрватска беше Валентина Блажевиќ со седум гола, додека по четири постигнаа Јежиќ, Калаус и Мичијевиќ. На голот Теа Пијевиќ собра девет успешни интервенции. Во екипата на Романија, Кристина Неагу со шест гола беше прв стрелец.