Чурлевски донесе триумф за СИФ, прогласен за играч на натпреварот

Тимот на Сјундеа ИФ, каде што играат македонските интернационалци Игор Трајковски и Филип Чурлевски, забележа победа во осмото коло од финскиот шампионат.

Сјундеа ИФ со пресврт го победи составот на ГРИФК со 26-23, иако на полувремето губеше со два гола, 12-14. Чурлевски ја имаше главната улога во домашниот триумф и со постигнатите девет погодоци беше прогласен за играч на натпреварот.

СИФ губеше со 21-23 на седум минути до крајот, но со одлична игра во финишот и серија од пет голови стигна до победата.

Трајковски даде еден гол и одлично си ја заврши работата во дефанзива, пред да ја напушти играта на три минути до крајот поради три исклучувања. СИФ сега е на четвртото место на табелата зад водечката тројка Кокс, Дикен и БК-46.