Ракометарите на Вардар вечерва ќе го одиграат третиот натпревар од Лигата на шампионите против португалскиот шампион Порто. Дуелите со Елверум во Скопје и ПИК Сегед на гости беа одложени, а вардарци по поразот од Мешков Брест, дома го победија Фленсбург.
Вечерва со почеток во 20:45 часот, избраниците на Стевче Алушовски ќе бидат на нов тежок испит, против четата на Магнус Андерсон, кој преферира да игра со тактиката „седум на шест“.
Лани „црвено-црните“ ракометари имаа големи проблеми во првото полувреме на натпреварот во Скопје против Порто, но во вториот дел, направија пресврт и ја однесоа победата. На возвратниот дуел во Португалија загубија убедливо.
Во Порто немаше големи измени во ростерот. Дојдоа македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски, левиот бек Иван Слишковиќ и пикерот Мануел Шпат. Кај Вардар има многу нови играчи, кои минатото коло и пред празни трибини го совладаа дотогаш непоразениот Фленсбург.
Нема зошто и вечерва да не биде така против Порто.