Босанскиот репрезентативен кружен напаѓач Елмир Граџан ќе ја игра четвртата сезона во битолски Еурофарм Пелистер.
Тој во интервју за босански „Прес“ откри дека потписот со овој клуб е најдобрата одлука која ја донел во кариерата, што претходно ја градеше во Босна и Турција.
„Од 2017 година сум во Македонија, во екипата на Еурофарм Пелистер. Мислам дека клубот напредува од година во година, а тоа го покажавме со резултатите во домашното првенство, а играме во СЕХА и минатата година во ЛШ. Што се однесува до мојот статус во клубот, јас сум презадоволен и мислам дека потпишувањето за Еурофарм Пелистер е најдобрата одлука во мојата кариера“, изјави Граџан.
Тој откри дека многу бргу се прилагодил на животот во Македонија.
„Лесно се навикнав. Кога дојдов, управата на клубот, стручниот штаб и играчите секогаш беа тука за мене кога ми требаше нешто. Со текот на времето стекнав многу пријателства, го совладад јазикот, и ако може така да се каже – се чувствувам како дома“, заврши Граџан.
Пикерот доаѓа во Македонија на 24 јули, на 25 е првиот собир, додека на 27 стартуваат подготовките во Маврово.