Во Македонија руски ракометари играа и пред да дојде Сергеј Самсоненко во Вардар, а дел од оние што продефелираа во „црвено-црниот“ тим оставија или ќе оставаат длабока трага.
Тимур Дибиров и Глеб Калараш и понатаму ќе го носат дресот на Вардар, додека заминаа Сергеј Горбок, Павел Атман и Данил Шишкарев, а неизвесно е дали во клубот ќе остане Сергеј Горпишин. Спортскиот директор Едуард Кокшаров повеќе нема да биде „црвено-црн“.
Горбок, Дибиров, Шишкарев и Кокшаров, покрај тоа што беа заедно во Вардар, играа заедно и за рускиот шампион Чеховски Медведи, а со овој тим освоија дупла круна во Русија во 2013 година.
Оттогаш датира и фотографијата што ја објави рускиот реномиран ракометен сајт „Брз Центар“. Тоа беше нивната последна сезона во Чеховски Медведи, пред Дибиров да дојде во Вардар, Горбок да отиде во Рајн Некар, а Кокшаров да ја заврши кариерата.