Рускиот репрезентативец Тимур Дибиров на социјалните мрежи ја потврди веста што прв ја објави 24Ракомет дека го продолжи договорот со Вардар за следната сезона. Левото крило дојде во Скопје во 2013 година и уште од стартот стана миленик на навивачите, а следната сезона ќе му биде осма во Вардар.
Тој одигра вкупно седум сезони во Лигата на шампионите, исто толку во СЕХА лигата и стана рекордер во многу категории. Стана рекордер по бројот на настапи за Вардар во елитното натпреварување – вкупно 115, и по бројот на голови во истата конкуренција – вкупно 516.
Во регионалната СЕХА лига, исто така е прв стрелец на Вардар на вечната листа со постигнати 502 погодоци. Официјална статистика за македонските натпреварувања на сајтот на РФМ нема, па погодоците што ги има постигнато во македонските конкуренции нема да ги сметаме во вкупниот број.
Со Вардар освои две титули во ЛШ, четири во СЕХА, пет во Купот на Македонија, пет во Суперлигата и три во Суперкупот – или вкупно 19 титули во сите конкуренции.