Стојановиќ: Да се играше плеј-офот, некој фаворит ќе паднеше во Охрид

Раде Стојановиќ, го продолжи договорот со тимот на Охрид и во следната сезона ќе биде предводник на „гладијаторите“.

Тој постигна одличен резултат со охриѓани оваа сезона и успеа да му донесе учество на тимот во плеј-офот, иако тој не се одигра поради коронавирусот.

Стојановиќ вели дека сака да останат сите ракометари што играа сезонава. Замина само пивотменот Кристијан Анастасовски, кој ќе игра во францускиот Анже.

„Сакаме да го задржиме истиот играчки кадар од минатата сезона, а доколку играме во Европа и да се подновиме со некој ракометар“, вели тренерот Стојановиќ за 24Ракомет.

Охрид беше втор на табелата по завршувањето на регуларниот дел од Суперлигата и имаше големи амбиции во плеј-офот.

„Забележавме одлични резултати во Суперлигата и завршивме само со бод помалку од Металург. Ако се одиграа натпреварите од плеј-офот, мислам дека во Охрид сигурно ќе паднеше некој фаворит, но жал ми е што сезоната беше прекината“, продолжува Стојановиќ.

Ако Металург и Еурофарм Пелистер се скоро сигурни учесници во Лигата на Европа, третиот патник ќе се бара меѓу Охрид и Бутел, па и Пролет.

„Ние посакуваме да добиеме доверба од Ракометната федерација на Македонија и мислам дека го заслужуваме местото во Европа“, заврши Стојановиќ.

Следната седмица Управниот Одбор на РФМ треба да реши кои екипи ќе бидат дел од меѓународните натпреварувања следната сезона во машка и женска конкуренција.