Вардар и Еурофарм нема да играат дома, Суперлигата со 14 клубови?!

Иако Ракометната федерација на Македонија пред десетина дена најави дека следната сезона Вардар и Еурофарм Пелистер ќе играат во домашното првенство, сепак тој план најверојатно нема да се реализира.

РФМ има план Суперлигата ќе брои 14 клубови, оние десет што играа и оваа сезона, плус новите четири прволигаши. Двата најдобри македонски клубови веднаш по оваа најава, одбиле да се вратат веднаш во домашното првенство, со аргументот во нивна корист дека ваква промена мора да биде најавена една година порано.

Тоа значи дека тие два тима и догодина ќе бидат македонски претставници во СЕХА лигата, а во март следната година ќе се вклучат во плеј-офот. Системот ќе остане практично ист каков што беше најавен. Две групи (по седум екипи), а најдобрите три од групите ќе играат во плеј-оф заедно со Вардар и Еурофарм Пелистер.

Останатите осум (по четири од двете групи) ќе играат за опстанок, а од нив само првиот обезбедува сигурен опстанок, вториот ќе игра бараж натпревар и другите шест тима се селат ранг подолу. Планот за сезоната 2021/2022 останува ист, Суперлигата да брои десет екипи заедно со Вардар и Еурофарм Пелистер.

Следната седмица би требало да бидат отстранети сите дилеми и да биде познат конечниот изглед на следните две сезони во елитната конкуренција, по состанокот на Управниот Одбор на РФМ.