Најголемиот дел од екипите од Европа направија корекции на платите на своите ракометари. Ференцварош освен што ги намали платите за 30 проценти сезонава, тие се договорија со играчите намалувањето да важи и за наредната сезона.
Извршниот директор на унгарскиот клуб, Золтан Нуири го објасни намалувањето на платите предизвикано од кризата.
„Заедно со спортистите одлучивме платите да ги намалиме за 30 проценти. Ова не се однесува само на ракометните екипи туку и за тимовите во фудбал, ватерполо и хокеј. Имавме неколку рунди на преговори пред да ја донееме оваа одлука. Разговаравме отворено и донесовме заедничка одлука, секако пониските плати ќе важат и за наредната сезона. Ако во иднина ситуацијата се нормализира ние ќе ги вратиме платите по старо“, изјави Нуири.
Откако беше донесена одлука за прекин на сезоната во Унгарија, женскиот тим на Ференцварош заврши како трет на табелата, но според одлуката на федерацијата тие добија место во Лигата на шампионите за наредната сезона.