Откако го донесе првото засилување за новата сезона, бекот Марио Танкоски, тимот на Еурофарм Пелистер ја продолжи соработката со двајца ракометари од актуелниот играчки кадар. Босанските репрезентативци Елмир Граџан и Марин Вегар, ќе останат во Битола најмалку уште една сезона.
Граџан е еден од ракометарите со најдолг стаж во тимот на „фармацевтите“, бидејќи дојде уште на почетокот на сезоната 2017/2018 кога на кормилото беше Илија Темелковски.
Вегар, пак, кој дојде лани летоска остави добар впечаток низ натпреварите од СЕХА лигата и Лигата на шампионите, имаше потпишано 1+1 година, па сега се активира и втората година од договорот. Блиску до нов договор е и десниот бек Невен Стјепановиќ, кој би требало да остане во Битола исто како и Вегар и Граџан уште една сезона.
Тренерот Жељко Бабиќ остана без услугите на двата најдобри стрелци – Ловро Јотиќ и Владислав Остроушко кои веќе си заминаа од Битола, а во дресот на Еурофарм Пелистер нема да го гледаме ниту пивотменот Олександр Шевелев.