Стојановиќ за 24 Ракомет: Им кажав дека можат да победат, ме сфатија сериозно

Тимот на Охрид дојде до победа на Металург со 22:20 во финишот од регуларниот дел од Супер машката лига во натпревар кој имаше интересни 60 минути, а особено возбудлив финиш.

Металург имаше предност од 18:15 и се чинеше дека ќе нема проблеми во завршницата од натпреварот и лесно ќе дојде до победа. Сепак, тогаш се случи серија од 5:0 после која Охрид немаше проблеми да ги зачува бодовите.

„Честитки за двете екипи за коректниот натпревар кој беше одигран. Хендикеп е што ваков натпревар се играше без публика. Кој и да победеше немаше да биде незаслужено. Имавме порасположени голмани и расположен Даниловски во финишот од средбата. Бевме поборбени и повеќе ја посакувавме победата. Оваа победа и ја посветувме на навивачите кои на минатиот натпревар не бодреа однадвор“, изјави тренерот на Охрид, Раде Стојановиќ за 24 Ракомет.

На три гола негатива секако е тешко да се врати екипата на ниво и да се врати на потребното ниво за да се дојде до победа. Сепак, советите на Стојановиќ дадоа резултат.

„Во моментите кога бевме на три негатива им реков дека можат да победат и дека само на наши грешки се доведуваме до ситуација да ни дадат гол. Го сфатија ова сериозно и изиграа беспрекорно во последни десет минти. Во Скопје изигравме добар натпревар и ги повторивме последните десет минути“.

Сега следува уште еден натпревар, а потоа натпревари од плеј-офот во кој одново ќе имат дуели против Металург, но и со Вардар, Еурофарм Пелистер, Бутел Скопје и Пролет.

„Плеј-офот ќе биде интересен и тежок и во него секој натпревар ќе има своја тежина. Досега долги години плеј-офот не бил вака како што ќе биде сега одличен и интересен. Со оваа победа нормално самодовербата е поголема. Тoа што го покажавме низ цела сезона се потврди декa сме комплетна и компактна екипа. Плеј-oфот е долг и има доста натпревари, но периодот за подоготовка е краток“, коментираше Стојановиќ за 24 Ракомет.

Викендов се игра последното коло од регуларниот дел, а потоа  ќе почнат натпреварите од плеј-офот каде што ќе следуваaт далеку потешки натпревари.