Откако во минатото коло екипата на Пролет обезбеди пласман во плеј-оф групата од Супер машката лига денескана дуелот против Вардар јуниор од 16. коло од регуларниот дел дојде до триумф од 37:21 без поголеми притисоци во текот на сите 60 минути.
Победникот на овој дуел беше познат уште во првите 30 минути. Гостите имаа проблеми да го совладаа Ангелов, кој бранеше во првото полувреме. За 13 минути успеаја да постигнат шест гола, а потоа за следниот погодок чекаа девет минути. За ова време тимот на Пролет успеа од 7:6 да стигне до 13:6 и практично да го реши победникот на средбата.
Овие седум гола разлика создадени после 21 минута игра беа доволни и за на одмор да се замине со истата позитива. Немаше поголеми проблеми да се издржи до крајот на првиот дел, па на пауза се замина со 18:11.
Во второто полувреме разликата од седум погодоци беше зголемена. Младите вардарци дадоа отпор, но неможеа да го следат ритамот кој го имаа наметнато домашните, па брзо стигнаа до двоцифрена негатива. Високата предност на Пролет беше зголемена и во следните неколку минути така што немаше проблеми да се зачува до крајот за конечни 37:21.
Со оваа победа тимот на Пролет стигна до нови три бода со кои само го потврди местото во плеј-офот додека за Вардар јуниор поразот нема да донесе минус бидејќи овој пораз нема да се вброи меѓу натпреварите кои се пренесуваат во плеј-аут лигата.
ПРОЛЕТ 62 – ВАРДАР ЈУНИОР 37:21 (18:11)
Сала: „Македонско сонце“ во Скопје. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски од Скопје. Делегат: Марјан Начевски од Скопје.
ПРОЛЕТ 62: Ангелов, Кристо, Коруновски, Ф. Василевски 5, Аларов 2, Поповски 7, Матовски 1, Моупитис 2, Додевски 3, Андоновски 3, Џонов 10, Мајнов, Гичев, А. Василевски 2, Стојановски, Игнов 2.
Седмерци: 5/6, Исклучувања: 6 мин.
ВАРДАР ЈУНИОР: Гогов, Виларов, Анѓерловски, Јанковски, Чакалиќ, Јакимовски 6, Димевски, Карапалевски 4, Андоноски, Трпчевски 5, Анѓелковски, Стојановски, В. Крстевски 2, С. Крстевски 2, Атанасовски, Дука 2.
Седмерци: 4/5, Исклучувања: 6 мин.