Ракометарите на Вардар се во центарот на вниманието на сите европски медиуми што третираат ракомет и сакаат да знаат каква е ситуацијата во актуелниот европски шампион. Последниот во низата што се „отвори“ е германскиот интернационалец Кристијан Дисингер.
Тој открива дека имал понуди да замине во последните денови од преодниот рок, но му соопштил на раководството дека ќе остане до крај на сезоната.
„Се пишуваше во медиумите дека ќе си одам. Финансиската ситуација во клубот не е добра, но јас му соопштив на раководството дека ќе останам до крајот на сезоната. Имав неколку понуди да заминам во последните денови од преодниот рок. Но јас сум повреден и не сакав да го напуштам Вардар во вака лоша ситуација. Му соопштив на раководството дека останува до крајот на сезоната“, вели Дисингер.
Освен тоа што е во лоша финансиската ситуација, Германецот вели дека Вардар е перфектен тим.
„Ако се беше во ред со финансиите, можам да кажам дека Вардар е перфектен клуб за секој ракометар. Нема друг тим кој има ваква инфраструктура. Имате се на едно место, плус одлични луѓе кои работат со вас. Исто така Македонците се „луди“ по ракометот, бидејќи тоа е прв спорт во државата. Иако има само 2 милиони жители, си мислите дека има 10 милиони жители кога се во прашање ракометните настани“, продолжи Дисингер.
Левиот бек открива дека нема конкретни понуди за продолжување на кариерата.
„Не е дека сакам да заминам, туку морам да си замиан. Сакам да се фокусирам на ракометот, а не да мислам на парите. Зборуваме со семејството и со соиграчите со часови за овие проблеми и морам да бидам искрен дека го добив првото бело влакно. Најверојатно ќе си заминам на лето. Јас се уште не сум фит, имав разговори со некои клубови, но ништо конкретно. Сакам да бидам комплетно фит, пред да донесам одлука. Ќе почекам уште неколку недели, можеби ситуацијата овде ќе биде подобра“, завршува Дисингер.
Германецот е на рехабилитација по операцијата што ја имаше во ноември, но се уште не е јасно кога ќе се врати на ракометните терени.