Ќе го издржи ли Вардар пеколот во март?

На самиот почеток на март стана јасно дека ова ќе биде убедливо најтешкиот месец за „црвено-црните“, а во период од четири викенди ќе имаат сигурно четири тешки средби. Ако мисијата биде успешна тогаш има најава и за петти викенд во серија во кој ќе треба да одговорат на предизвикот, а сигурно нема да биде воопшто лесно бидејќи се работи за меѓународни натпревари на кои ќе мора да се даде максимумот.

Ако на ова се додаде дека во втората половина од март ќе стартува и домашното првенство што значи дека и бројот на натпревари ќе се зголеми.

Серијата почнува в недела на 8 март на пресметката со Нексе од четврт-финалет од СЕХА-лигата. Вардар гостува во Нашице, а од овој дуел секако ќе зависат многу работи за тоа како ќе тече сè во продолжение.

Веќе на 15 март е договорен реваншот против Нексе во Скопје во СЦ „Јане Сандански“ и тогаш ќе се знае дали Вардар оди на нов Ф4 турнир каде што е редовен учесник и рекордер со пет победи.

Првиот натпревар против Пик Сегед од осминафиналето од Лигата на шампионите ќе биде одигран во Скопје. Предвидено е да биде одигран од 18 до 22 март, а останува Вардар да го одреди денот кога ќе се игра средбата.

Овој викенд се поклопува со стартот на плеј-оф лигата. Првото коло од плеј-офот во Супер машката лига ќе биде одиграно на 21 и 22 март, а годинава натпреварите ќе мора да се играат според предвиденото. Нема да може да се одлагаат на некое време туку треба да се одиграат неколку дена пред терминот доколку клубот е зафатен во терминот кога е предвидено колото.

Реваншот против Пик Сегед е предвиден за периодот од 25 до 29 март така што и тука ќе има уште едно коло од плеј-офот во Супер машката лига.

Доколку Вардар обезбеди и место на Ф4 турнирот во СЕХА лигата тоа ќе бидат два дополнителни натпревари на почетокот на април. Завршниот турнир е од 3 до 5 април во Задар што значи дека следуваат уште две средби на овој турнир, а тука ќе има и уште еден дуел од плеј-офот.

Според овие пресметки од 8 март до 5 април вардарци треба да одиграат шест меѓународни и три домашни средби. Ова ќе биде пеколен период кој ќе треба да се издржи. Со оглед на малиот број на ракометари односно смалениот ростер ќе мора да се користат сите играчи и да се распоредат силите за да се дојде до успех.

Март ќе биде пеколен за Вардар, но така беше во последните неколку години, па ќе мора да се издржи и овој во 2020 година.