Чупиќ се отвори на пресот: Во моментов немаме квалитет за најдобрите осум во ЛШ, но сонуваме за Келн

Играчот кој имаше одлични партии при двете титули на Вардар, Иван Чупиќ после натпреварот против Монпелје се отвори на прес конференцијата и одлучи да каже многу работи што се случуваат во екипата и на тренинзите и во соблекувалната.

„Не дека не игравме добро денеска против Монпелје туку немаме доволно квалитет на тренинзите и долг ростер на клупа. Секој натпревар играме до 40-45 минута додека голманите се во форма на натпреварот и не држат имаме повеќе шанси. Се виде дека ни недостига клупа и играч кој ќе може да повлече. Глупаво е сега да зборуваме за тоа, но последните денови трениравме со 5-6 ракометари што поради болест, што поради повреди. Имаме проблеми во последните 15-20 минути. Тука паѓаме и имаме проблеми. Сè што можеме да направиме во овој момент е тоа. Го нема она нешто кое ни е потребно за Лига на шампионите за секоја недела за да може да се одиграат 60 минути. Играме колку можеме во моментов. Мислам дека до 52 минута бевме егал со Монпелје, но од друга страна кога ќе видиш како се менуваат и имаат избор на секоја позиција. Ние имавме само една измена на крај. Тешко е сега да се објасни како изгледа тоа и како е тешко да се тренира. Имаме желба и сакаме. Ние сме победници, но имаме проблеми. Реалноста во моментов е таа и сега треба да се обидеме во Нашице да го надиграме Нексе и во два меча да избориме Ф4 турнир во СЕХА. Можеби сега изгледа дека јас плачам, но во спортот е таква работата. Колку пари толку музика. Колку квалитет, толку и цели. Реалноста е таква, ние извлекуваме и многу повеќе од нас“, почна Чупиќ.

Според него случувањата на тренинзите влијае многу, но признава дека во моментов Вардар нема квалитет за да биде меѓу осум најдобри тимови во Лигата на шампионите.

„Не сакам некој од моите соиграчи да се навреди бидејќи тие и денеска и утре и до 1 јуни ќе се најубавите. Еден тренер вели ако сме Вардар шест играчи еден гол ни е добар за победа. Тука покрај мене е третиот тренер за оваа сезона. Не ни е лесно и за нас бидејќи и тоа влијае многу. Ние во моментов не вредиме за осум најдобри во Лигата на шампионите, но на тренинг пак ќе дојдеме и ќе мислиме дека и на следниот натпревар можеме да победуваме“.

Сепак, и покрај сите проблеми вели дека сака и понатаму да игра на Ф4 турнирот во Келн.

„До крајот на оваа сезона ние сме Вардар. Јас сакам со оваа екипа да одам во Келн, но… Цела соблекувална го сонува тоа, но реално е тешко. Сепак, додека не изиграме и нè не победи како Монпелје никому не признавам дека е подобар. Денеска Вардар не го загуби натпреварот туку јас. Имав зицери кои ги промашив и доколку ги дадев ќе победевме“, коментираше Чупиќ.

Сега ракометарите на Вардар ќе може да се концентрираат на дуелите од СЕХА, а потоа да се насочат кон осминафиналните пресметки најверојатно против Пик Сегед во Лигата на шампионите.