Ракометарите на Вардар ја завршија групната фаза на шестото место на табелата во групата Б од Лигата на шампионите и за ривал во осминафиналето го чекаат третопласираниот тим од групата А.
Во овој момент таму се наоѓа унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед кој има 20 бодови, исто колку што има и францускиот ПСЖ на второто место.
За да се искачи место погоре, тимот на Хуан Пастор мора да победи или да освои бод на тешкото гостување кај Барселона, а потоа да чека пораз на ПСЖ дома од хрватскиот Загреб, што е тешко за верување.
Со оглед на тоа што ПСЖ е подобар во меѓусебниот дуел, Сегед дури и да победи кај Барса, тој триумф нема да му биде важен ако францускиот тим слави утре против тимот на Веселин Вујовиќ.