Џонов и Аларов верни на Пролет

Тимот на Пролет ги продолжи договорите со Иван Џонов и со Михаил Аларов до 2022 година. И Џонов и Аларов минаа низ младинските категории на клубот, потоа добија и шанса во првиот тим што максимално ја искористија, промовирајќи се во стандардни првотимци.

Џонов се наметна како еден од најдобрите поливалетнтни ракометари на домашната ракометна сцена. Тој беше дел од генерацијата на младинската репрезентација што стигна до шестото место на СП во Алжир, најдобар пласман на една млада селекција на „црвено-жолтите“ на големите натпреварувања.

До ланската сезона Џонов настапуваше како лево крило, но од сезонава покажа дека одлично се снаоѓа и на бековската позиција, постигнувајќи двоцифрен број на погодоци на неколку натпревари.

Одличните игри на Аларов на пивотменската позиција беа доволна препорака за да се појави на подготовките на сениорската репрезентација за ЕП 2020. Со квалитетот во играта, но и со борбеноста во одбраната, Аларов се наметнува како еден од најдобрите македоснки играчи на својата позиција во Суперлигата, што беше доволна причина да се договори продолжување на соработката.

Со новиот договор, Џонов и Аларов ќе останат дел од Пролет најмалку до јуни 2022 година.