Македонскиот репрезентативец Марко Мишевски е пред камбек во европскиот шампион Вардар. Тој беше член на тимот кој лани освои титула во Лигата на шампионите, но не го продолжи договорот минатата година.
Средниот бек го имаше првиот интернационален предизвик во францускиот третолигаш Гренобл и имаше солидни партии, но по колапсот на овој тим, Мишевски остана без ангажман.
Пролет, Бутел и Металург уште летото се обидуваа да ги добијат неговите услуги, но тој се реши за трансфер во Франција, а сега по само една полусезона се враќа во Македонија.
Иако имаше комбинација и за договор со српскиот тим Металоластика Шабац, сепак таа не се реализираше, па има уште пет дена да биде потврден трансферот во „црвено-црните“ редови.
Вардар е растрчан по засилувања за до крајот на оваа сезона во која ги брани титулите во Лигата на шампиони, СЕХА лигата и македонските конкуренции. Се споменуваа имиња од типот на Халил Јагањац, Леонардо Дутра Фереира, Јосип Шарац, но јасно е дека овие трансфери тешко ќе се реализираат, со оглед на тоа што „црвено-црните“ бараат играчи што не настапувале во европските купови оваа сезона.