Како Македонија може да се пласира во вториот круг на ЕП?

Поразот од Чешка ја остави Македонија во неизвесност до вторник до 18:15 часот кога ќе мора ракометарите самите да се погрижат за да се пласираат во следната рунда, а воедно притоа и да пренесат два поени.

Сосема јасно е веќе во каква комбинација Македонија може да оди во следната фаза,а единствено победа ја носи понатаму. Сепак, не е се работи за каква било победа бидејќи има различни комбинации. Важно е и да се победи и да се пренесат бодови во втората фаза.

ПОБЕДА ОД ЕДЕН ГОЛ

За да се оди понатаму со победа од еден погодок Македонија мора да постигне најмалку 32 гола на дуелот против Австрија. При победа од 32:31, Македонија ќе биде второпласирана во кругот на трите репрезентации и ќе има гол разлика од 57:58 со што ќе биде подобра од Чешка. Иако втопласирана во таква ситуација ќе пренесе два бода.

Тоа може да се види од мини табелата која би се направила при 32:31, секако доколку потоа составот на Чешка слави над Украина. При победа и со повеќе постигнати голови ситуацијата е иста.

МИНИ ТАБЕЛА

1.Австрија 4 бода (63:61)

2.Македонија 4 бода (57:58)

3.Чешка 4 бода (56:57).

* Табелата би изгледала вака при победа на Македонија од 32:31.

При 31:30 ќе дојде до израмнување на Македонија и Чешка, па подоцна Чесите ќе можат да ја поправат гол разликата и да се најдат во следниот круг. При победа со 30 или помалку постигнати голови селекцијата на Чешка ќе се најде пред Македонија.

ПОБЕДА ОД ДВА ГОЛА ИЛИ ТРИ ГОЛА

Во која било ситуација со победа од два гола Македонија ќе се најде пред Чешка која од дуелите со Македонија и Австрија има гол разлика од минус еден. И во ваква комбинација Македонија би завршила на 2. место бидејќи би имала помалку постигнати голови од Австрија, но ќе пренесе два поени.

Доколку победата биде изразена со три гола, во ваква ситуација Македонија ќе биде на првото место на мини табелата и како првопласирана ќе влезе понатаму, а Австрија е вторпласирана во Групата Б.

ПОБЕДА ОД ЧЕТИРИ ГОЛА

Во случај на четири гола разлика тогаш има две различни комбинации. За да се пренесат бодови Австрија треба да биде втора, а таа може до второ место доколку постигне најмалку 25 гола. Тоа значи дека треба мечот да биде ефикасен за да се дојде до остварување на целта да се обезбеди втор круг и да се пренесат два бода.

Ако нема 25 гола Австрија тогаш Чешка ќе се најде на втората позиција во случај сите да имаат по четири поени.

ПОБЕДА ОД ПЕТ ИЛИ ПОВЕЌЕ ПОГОДОЦИ

Иако ваква комбинација би била значително добра за мирна завршница на натпреварот, сепак, при ваква победа би се отворил простор за Чешка да оди како вторпласирана што никако нема да одговара бидејќи тогаш Македонија ќе стартува без бодови во вториот круг што не одговара за остварување на амбициите.

РЕМИ ПРОТИВ АВСТРИЈА

Во случај да се одигра нерешено на средбата против Австрија тогаш ќе мора да се чека на изненадување во последниот меч кој го играат Чешка и Украина. Селекцијата на Украина без никакви шанси за пласман понатаму ќе нема и мотив, а ќе биде тешко да ја надиграат Чешка која тогаш ќе се обиде да направи сè што може за со победа се пласира во следната фаза.

ПОРАЗ ОД АВСТРИЈА

Во таква ситуација се ќе биде завршено и нема да има шанси за Македонија така што ќе го заврши Европското првенство. Ова никој не го посакува, па затоа никој не ни размислува за пораз од Австрија во вторник од 18:15 часот.