Поранешниот македонски репрезентативец Нумче Мојсовски од неодамна влезе и во политички води како претседател на Комисијата за спорт во СДСМ. Мојсовски деновиве го комплетира својот тим во кој има повеќе актуелни и поранешни спортисти, но разбирливо најбројни се ракометните имиња.
Заедно со Мојсовски, во работата на Комисијата ќе бидат вклучени и поранешната ракометарка на Кометал ЃП, Андријана Будимир, како и поранешните македонски репрезентативци, Гоце Макалоски и Владо Неданоски.
Во интервјуто за 24Ракомет што ќе го објавиме во целост деновиве, Наумче Мојсовски открива какви ќе бидат неговите заложби за подобрување на условите во спортот и кои ќе бидат неговите соработници во Комисијата за спорт.
„Во план е да има две Комисии, една мора да е повеќе политички ориентирана која би туркала „горе“ за спроведување на програмите, а другата Комисија ќе биде составена исклучиво од спортисти и таа ќе работи повеќе на терен да видиме каде што недостасува на спортски план. Во составот на оваа Комисија ќе има двајца кошаркари – Тоше Гечевски и Едина Муса, од ракометот ќе бидат Адријана Будимир, Гоце Макалоски, Владо Недановски, од фудбалот се Игор Митревски и Никола Ѓошевски. Во Комисијата ќе бидат вклучени и атлетичарката Дрита Ислами и каратистот Емил Павлов. Сакам во Комисијата да бидат опфатени сите спортови и да видиме што е болката во секој спорт поконкретно. Сите спортисти со кои што разговарав прифатија и подготвени се да помогнат. Деновиве треба да почнеме со работа, да ја подготвиме програмата за спорт во СДСМ и да се „пуштиме“ по терен да видиме до каде сме, што е досега направено, што треба да се направи во иднина“, истакнува Мојсовски.