Загреб загуби од Целје со 27-30 во осмото коло од Лигата на шампионите и остана без шанси за осминафиналето во елитната конкуренција. Тренерот Веселин Вујовиќ беше бесен по лошото издание на неговите избраници.
„Далеку сме од сериозна екипа и од сериозен ракомет. Целје не надигра во сите сегменти. Голманите немаа свој ден, игравме лоша одбрана и бевме лоши во нападот. Претпоставувам дека ова е простување од Лигата на шампионите. Кога немате квалитет, тогаш се плашите. Кога имате квалитет, имате самодоверба, желба, борбеност. Ако набрзо не доведеме неколку играчи на некои од важните позиции, тешко дека ќе бидеме фаворити и во домашниот шампионат. Мислам дека луѓето што зборуваа дека нема квалитет во овој Загреб, очигледно биле во право. Јас изгледа дека малку се залетав“, изјави Вујовиќ.
Загреб сега остана на еден освоен бод, исто колку и Елверум, а Целје има шест и ќе биде вистинско чудо, ако хрватскиот првак во преостанатите шест кола стигне до осминафиналето.