Словенечката ракометна федерација се реши за смена на кормилото на машката репрезентација по големиот притисок од јавноста, па на местото на Веселин Вујовиќ, најверојатно ќе дојде досегашниот помошник Урош Зорман.
Сепак по смената на Вујовиќ, словенечките медиуми почнаа да пишуваат за наводните караници на дел од ракометарите со селекторот, за тоа дека Вујо им земал по 300 евра за да играат покер со него…Ова беше демантирано од страна на трофејниот тренер, а сега и словенечките репрезентативци застанаа зад него и се обратија на јавноста преку соопштение.
„Живееме во време во кое секој може да пишува што сака. Можат лажно да обвинуваат без наведување на некои докази или извори, а притоа да се сносат никаква одговорност. Ние сме навикнати на тоа. Тие лаги не прават да бидеме уште посилни. Но, во овој случај некои медиуми ги минаа границите на добар вкус. Пред неколку дена некои портали кои главно се занимаваат со политика, пишуваа дека сме биле уценувани за да играме покер. Овие пишувања се смешни за нас и категорично ги негираме. Тврдењата дека сме играле покер само за да си обезбедиме место во селекцијата се невистинити и злонамерни. Сите ракометари знаат дека резултатите во последниот период не ни беа на посакуваното ниво, а ние играчите во ниту еден момент не направивме притисок за промени, тоа е одлука на Ракометниот сојуз. Медиумите како да сакаа да започнат војна меѓу нас и селекторот, но на сите да ви е јасно дека до тоа нема да дојде. Сакаме да му се заблагодариме на господинот Вујовиќ за неговиот придонес за резултатите на словенечката репрезентација во последните четири и пол години. Во иднина му посакуваме среќа. Заедно се радувавме на победите во Рио и Париз. Сега пред нас имаме нова голема шанса за успех како на ЕП така и на игрите во Токио. Затоа испраѓаме апел овие лаги да престанат, бидејќи Словенија е најдобра кога е обединета“, напишаа репрезентативците на Словенија.
Словенија на ЕП ќе игра во групата Ф заедно со еден од домаќините Шведска, Швајцарија и Полска.