Ракометарите на Металург мораа добро да се испотат за да ги освојат трите бода против Вардар јуниор во малата сала во СЦ „Јане Сандански“ откако во текот на сите 60 минути имаа голема борба. До последните моменти победата висеше односно еден шут одлучуваше.
Вардар јуниор го доби стартот на средбата. Тргна подобро и влезе одлично во мечот и водеше во првите неколку минути. Металург ја бараше својата игра за да дојде до контрола, а откако успеа да ја намине почетната криза во која имаше негатива и од 3:6 и 4:8 полека почна да доаѓа сè на свое место.
Домашните не ги зачуваа четирите гола позитива, а последен пат водеа со 9:8. Тука паднаа во играта, а Металург направи серија од 5:0 и поведе со 11:9. Оттука до крајот на првиот дел се играше главно гол за гол, па на одмор се замина со 15:14 во корист на Металург.
Во второто полувреме Металург постојано беше во гол до два предност, но Вардар јуниор имаше упорни ракометари кои успеаја да се одржат во потребниот ритам и успеваше да остане во игра. Израмнуваше неколкупати, а израмни и во финишот од 31:31. Сепак, при 31:32 имаше шут во стативата и тука Металург во последниот напад казни преку Јагуриновски за победа од 33:31.
Со ова Металург доби силна контрола пред реваншот против Горење од Купот на ЕХФ в недела, додека Вардар јуниор уште еднаш покажа дека е одлично подготвен за продолжението од сезоната.
ВАРДАР ЈУНИОР – МЕТАЛУРГ 31:33 (14:15)
Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 100. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегат: Цане Куртовиќ од Скопје.
ВАРДАР ЈУНИОР: Кизиќ, Гогов, Анѓеловски, Јанковски, Чакалиќ 3, Кукуловски 6, Гашовски 2, Јакимовски 1, Карапалевски 2, Андоноски, Анѓелковски, В. Крстевски 1, С. Крстевски 8, Ќосевски 3, Дука.
Седмерци: 3/3, Исклучувања: 8 мин.
МЕТАЛУРГ: Ѓорѓески 1, Мијатовиќ 1, Кондев, Јагуриновски 5, Поповиќ 7, Шилегов 4, Танкоски 4, Мариќ 1, Серафимов 3, Лазаревски 1, Младеновиќ, Вујовиќ, Чантурија, Додиќ 2, Маркоски, Арсеновски 4.
Седмерци: 2/3, Исклучувања: 4 мин.