Првиот избор за голот на Металург, а воедно и најискусниот ракометар во тимот, Даниел Дупјачанец би требало да се врати на терените на почетокот на ноември.
Тој се повреди на дуелот против Струга во четвртокот, а мораше да го напушти теренот поради болка во бутниот мускул. Прегледите покажаа дека повредата не е сериозна и ќе мора да одмори две недели.
Тоа значи дека Дупјачанец ќе биде на терен веднаш после ЕХФ неделата, што значи дека ќе биде дел од тимот кој ќе игра во Купот на ЕХФ односно во 3. коло кога ќе се брка пласман во групната фаза.
Средбите се играат на 16 и 17 ноември, а реваншот на 23 и 24 ноември. Веќе се знаат и имињата на можните противници. Во комбинација се: Алпла Хард (Австрија), Ахил Бохолт (Белгија), СКА Минск (Белорусија), МАТ Плзен (Чешка), Адемар Леон (Шпанија), Екс Прованс (Франција), Олимпијакос (Грција), Чурго (Унгарија), Арендал (Норвешка), Азоти Пулави (Полска), Горник Забже (Полска), Бенфика (Португалија), Горење (Словенија), Винертур (Швајцарија), Малме (Шведска) и ЗТР Запорожје (Украина). Ждрепката ќе биде направена утре.