Дерби пресметката во Лигата на шампиони помеѓу Фленсбург и ПСЖ ги оправда очекувањата. Во неизвесен натпревар бодовите ги освои екипата на Раул Гонзалес. ПСЖ го совлада Фленсбург со 30:29.
Шампионот на Франција имаше подобро издание во текот на првото полувреме. Водството беше постојано на нивна страна. По 16 минути игра имаа предност од 5:9, која беше највисока во првиот дел. Следуваше серија на Фленсбург од 4:0 со што стигнаа до израмнување. После првиот дел ПСЖ имаше минимална предност 14:13.
Продолжението донесе израмнета игра на почетокот, но со головите на Карабатиќ и Сагосен, ПСЖ направи убава предност од 22:18. Составот од Германија не се предаде, стигна до израмнување за неизвесна завршница. Во последниот напад на Фленсбург за израмнување, ударот на Род беше запрен од Жерар со што претставникот од Франција стигна до голема победа.
Најефикасни во составот на Фленсбург беа Род и Стеинхаусер со по шест гола, Готфритсон постигна пет. Вo екипата на ПСЖ, Карабатиќ и Хансен беа најдобри со по шест гола.