Ракометарите на Еурофарм Работник денеска го играат третиот натпревар во регионалната СЕХА лига. За разлика од Лигата на шампионите, каде битолчани имаа три порази од по еден гол разлика, во СЕХА им оди одлично. Во Битола гостува унгарскиот Веспрем, кој исто така е во негативна серија со два порази во ЛШ.
Десното крило Гашпер Маргуч вели дека Веспрем нема право на нов кикс.
„Еурофарм Работник игра одлично и во Лигата на шампионите, и иако ги загубија сите три натпревари, сите беа со по еден погодок. Ние не смееме да си дозволиме нов кикс, затоа мораме да го победиме македонскиот тим“, изјави Маргуч.
Натпреварот меѓу македонскиот вицепрвак и унгарскиот гигант се игра денеска со почеток од 17:15 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.