33 ракометари на собир, нема да играат пријателски натпревари

Машката сениорска репрезентација на Хрватска денес во Загреб го имаше првиот собир за ЕХФ неделата. Селекторот Горан Перковац за првата фаза од подготвителниот период повика 33 играчи, меѓу нив има и неколку кои во својата кариера играле во македонскиот шампионат.

Поради повреда, на списокот не се најдоа Лука Циндриќ, Матеј Мандиќ, Халил Јагањац, Марин Шипиќ, Јосип Шарац и Звонимир Срна. Перковац освен на 33 играчи, ќе може да смета и на осум резерви, кои би можеле да „влетаат“ ако има потреба.

Хрватска за време на ЕХФ неделата нема да одигра официјален натпревар, ниту пријателски меч. Желбата на селекторот Горан Перковиќ е максимално да се посвети на средување на играта и барање најдобри можни решенија за ривалите кои ги чекаат во Манхајм во јануари на Европското првенство

Поради, тоа, хрватската репрезентација ги одби понудите на бројни репрезентации кои сакаа пријателска средба со „коцкестите“. Бидејќи има доволен број на играчи на располагање, в сабота на 4 ноември е предвиден меѓусебен затворен натпревар на хрватската репрезентација.

Едниот тим ќе го предводи селекторот Горан Перковац, другиот неговиот прв соработник Борис Дворшек.

Хрватска на Европското првенство 2024 ќе настапи во група со Шпанија, Австрија и Романија. Најдобрите две репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза.